речник контакт

Македонија ја победи Франција со 3:1 во футсал

Со оваа трета победа од три меча, македонските репрезентативци се пласираа во следната, завршна фаза од квалификациите за Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Тајланд

Петар Печков

Возбудлив и интересен натпревар одиграа селекциите на Македонија и Франција во последното трето коло од предквалификациите за СП во футсал, а  влогот беше голем, бидејќи победникот од средбата  одеше во следната фаза од натпреварите. 

Веќе во 90-ата секунда со голот на Ранготов Македонија поведе, водство кое Ајгун во 12-та минута го анулираше, изедначувајќи на 1:1, со кој резултат се замина на полувреме.  Во вторите 20 минути Македонија повторно со иницијатива и  топката беше повеќе во посед на нозете на нашите репрезентативци. Во 30-тата минута откако гостите поради исклучувањето на Хамдуд, играа две минути со играч помалку, вистинска опсада на нивниот гол, кој тие успешно го издржаа и се одбранија. Иако со нерешен резултат Македонија остануваше на првото место, селекторот Скендеровски се реши на победа по секоја цена, па од 35-тата минута го повлече голманот и на негово место внесе играч во поле.

Резултатот на ваквата игра дојде во 38-та минута, кога со голот на Љубомир Македонија поведе со 2:1. Тогаш францускиот селектор  во желбата   за израмнување, кое ги водеше натаму во квалификациите за СП, го повлече голманот и внесе играч во поле. Македонските репрезентативци ова го искористија и со голот на Ранготов од 30-тина метри, во празниот гол на Франција, во 39-тата  ги поставија конечните 3:1.

Натпреварот се одигра во салата Гемиџии пред 3.000 гледачи, кои не се штедеа и постојано ја бодреа македонската селекција, која им се одолжи со трета победа на овој квалификационен турнир. Претходно беа совладани Црна Гора со 2:1 и Швајцарија со  10:2.

Селекцијата на Франција ќе ја чека разврската и се надева дека помеѓу неа, Англија и Норвешка, сите три имаат по шест бодови, ќе се најде меѓу двете селекции кои одат како најдобро пласирани во следната фаза. Во првиот натпревар од ова последно трето коло, Црна Гора убедливо со 8:0 ја совлада селекција на Швајцарија и така го освои третото место со една победа и два порази, додека швајцарците се последни, без ниту еден бод.

Македонија како победник  на групата ,,Е,, се квалификува во следната фаза,од 14-17 декември,  каде ќе игра  во групата 5 со селекциите  Украина,  Хрватска и домаќинот Азербејџан.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »